Македонскиот стратег Југослав Тренчовски, кој сезонава бележи извонредни резултати на клупата на Радомље, повторно е во фокусот на словенечкиот фудбал, овој пат со информацијата дека е еден од најсериозните кандидати за преземање на клупата на Целје, убедливо најдобриот клуб во Словенија.
Како што пишува словенечки „Планет ногомет“, веќе сериозно се тресе столчето на актуелниот тренер на Целје, Иван Мајевски, по трите порази во последниве четири кола. Сосема неочекувано ако се знае дека Целје е убедливо најдобриот клуб во Словенија, со најголем буџет и веќе пласман и во осминафиналето од Конференциската лига на УЕФА.
„Деновите на Мајевски се можеби избројани во Целје, а Тренчовски, кој прави одлична работа со Радомље кое е најпријатното изненадување во лигата, е сериозен кандидат за нов тренер на Целје, иако барем засега никој од клубот не воспоставил контакт со него. Целје играше извонреден фудбал со Алберто Риера, но оптимизмот во клубот по неговата ера сега е заменет со очај и апатија“ – пишува „Платнет Ногомет“ и дополнува:
„Тоа што името на Југослав Тренчовски се појавува како кандидат за клупата на Целје, не е ниту малку изненадувачки. Радомље игра одлично под негово водство. Младите играчи, на кои Мајевски, пак, очигледно не им верува премногу во Целје, во Радомље се основата на тимот. Благодарение и на стручњакот од Македонија, мелничарите веќе заработија добри пари со трансферите во последниот период. Целје веќе ја препозна добрата работа на Радомље и ги донесе Нино Вукасовиќ и Иван Чалушиќ во својата соблекувална. И двајцата беа промовирани и станаа најистакнати поединци во словенечкото првенство под водство на Тренчовски, стручњакот, кој предизвика многу изненадувања по пристигнувањето во Словенија, бидејќи многумина беа изненадени од изборот на раководството на Радомље. Но, за многу кратко време покажа дека е вистинскиот избор, а за тоа потврда е и неодамнешната студија на швајцарската фудбалска опсерваторија ЦИЕС. Таа откри дека Целје игра најдоминантен и најориентиран фудбал на терен во Словенија, а Радомље е на второто место. Индексот на доминација на Целје сега постојано опаѓа, додека акциите на Југослав Тренчовски очигледно добиваат на вредност недела по недела. Значи, ако 49-годишникот бил темелно проучуван, а исто така и набљудуван од еден од клубовите поблиску до Радомље, кој веќе доживеа подобри времиња, тоа не би било изненадување…“.
Југослав Тренчовски со Радомље, покрај одличните резултати во првенството, се пласираше и во полуфиналето од Купот на Словенија, што е најголем успех во историјата на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

