Кошаркарската репрезентација на Словенија врза две победи во низа во групната фаза од Евробаскет 2025, зголемувајќи си ги шансите за пласман во нокаут фазата од овој континентален собир. Словенците одиграа меч со осцилации, но сепак направија доволно за да стигнат до победата над Исланд, изразена со конечните 87-79.
Исланѓаните изненадија со одлично издание во првото полувреме во кое целосно му парираа на фаворитот, по што на одмор се замина со минимални 36-35 за Словенија. На стартот од третата четвртина работите во свои раце ги презеде Лука Дончиќ, набрзина постигна десет поени во низа (две тројки) и ја крена позитивата на двоцифрена разлика за словенечкиот состав. Исланд не се предаде, се бореше до самиот крај, но Словенците покажаа искуство во клучните моменти, задржувајќи ја предноста за залсужена победа.
Дончиќ повторно беше главна фигура со 26 поени, а двоцифрен беше само уште Алексеј Николиќ со 17 поени.
Грузија очекувано ја оправда фаворитската улога против ко-домаќинот Кипар, триумфирајќи над најслабата селекција на овој шампионат со убедливи 93-61. Грузијците доминираа во рекетот, Шенгелија имаше 27 поени, а Битадзе оствари дабл-дабл од 21 поен и 13 скокови, за втората победа на избраниците на Александар Џикиќ, по големата сензација и триумфот над Шпанија на стартот од овој Евробаскет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

