Случај против АМС: Обвинителството побара мерки за претпазливост за 12 лица

Јавното обвинителство го крои случајот против челниците на Агенцијата за млади и спорт околу злоупотреба на средства што државата ги доделува во спортот преку ваучер-системот.

Истрагата трае веќе подолго време по извештаите на Државната комисија за спречување корупција, која тврдеше дека има докази за злоупотреба од страна на директорот Мојсовски и неговите блиски соработници. Мојсовски демантираше криминал, но истрагата очигледно во меѓувреме открила повеќе детали околу обвиненијата од Антикорупциска комисија.

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, информира ОЈО, а пренесува порталот „Фактор“.

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Се вчитува...