Смајлагиќ на излезна врата од Партизан, но останува во Евролигата

Егзодусот на кошаркари од редовите на Партизан ќе продолжи и во наредните денови, а следен на листата играчи кои ќе го напуштат клубот е Ален Смајлагиќ. Крилниот центар е слободен играч по истекот на договорот со „црно-белите“, Партизан му понуди продолжување на соработката, но Смајлагиќ сериозно размислува да ги смени клупските бои.

Причина е малата минутажа што овој кошаркар ја имаше минатата сезона, кога беше дури трета опција за борбата под обрачите, зад Камински и Кабокло. Смајлагиќ не верува дека ситуацијата подрамастично ќе се смени и покрај заминувањето на овие двајца кошаркари (Камински веќе си замина, се најавува дека истото ќе го стори и Кабокло), па српскиот кошаркар ги разгледува најдобрите варијанти за продолжување на својата кариера.

Басконија испрати понуда уште пред еден месец, но според последните информации „Смајли“ е најблиску до трансфер во Жалгирис. Андреа Тринкиери инсистира на доаѓањето на Србинот како идеална солуција за позицијата крилен центар, што е ослабена кај литванскиот тим по заминувањето на Шмитс во Ефес. Токму тоа е најава дека Смајлагиќ би имал далеку поголема минутажа во литванскиот тим, поради што Жалгирис моментно е во водство во трката по кошаркарот на Партизан.

Се вчитува...