Смена на странци во ТФТ – Џасински и Батрик доаѓаат на местото на Хортон и Морган

Освојувачот на Купот на Македонија за 2022 година, ТФТ ова лето ги замени странците во својот тим. Од Тафталиџе заминуваат Амир Смит, Ландриус Хортон и Двејн Морган, а за последните двајца тимот веќе ангажираше замени.

Станува збор за Тревор Џасински и Трент Батрик кои ги покриваат крилните позиции. Џасински колеџ кариерата ја помина во Универзитетот Вестерн Вашингтон, а во Европа забележа настап за холандскиот Лимбург каде бележеше просек од 15.6 поени, 5.4 скока и 2.2 асистенции, но последната сезона ја пропушти поради повреда.

За разлика од својот сонардоник, за 206 сантиметри високиот Батрик ова ќе биде прва сезона надвор од САД. Тој во Македонија доаѓа од Универзитетот Масачусетс каде бележеше просек од 11 поени, 6,5 скока и 1,2 асистенции.

Тимот претходно потпиша и нов договор со Страхил Николов, а остануваат и Виктор Ташовски и Александар Костоски на кои тренерот Боро Смилковски ќе го гради ростерот и во иднина.

ТФТ и во следната сезона продолжува со настапите на интернационалната сцена, а наскоро ќе биде познато во кое натпреварување. Како потсетување тимот чека на место во квалификациите за Лигата на Шампиони на ФИБА кои носат и место во групната фаза на Еврокупот, а испратена е апликација и за АБА2 лигата.

Се вчитува...