Чешка е репрезентацијата со која Македонија најчесто се среќава во меѓународните натпреварувања, без разлика дали станува збор за квалификации или пак за настап на европските шампионати.
Ривалството се гради со години, а за нас тргна во позитивна насока почнувајќи од ЕП 2012 во Србија. Во групната фаза во Ниш по првите две кола имавме еден бод и моравме да стигнеме до резултат против Чешка за да се пласираме во следната рунда. Бодрени од фантастичните навивачи во „Чаир“ во Ниш македонските ракометари стигнаа до убедлива победа од 27-21, се пласираа во втората фаза во Белград, каде стигнаа до петтото место на ЕП 2012, што е најдобар пласман на Македонија на ракометните големи натпреварувања.
Минаа осум години, а Македонија во однос на тој меч денеска има четири исти ракометари во составот. Покрај Кире Лазаров и голманот Борко Ристовски, на теренот во Ниш се појавија и Дејан Манасков и Столе Стоилов, за кои тоа беше прво големо натпреварување во репрезентативниот дрес.
Во дресот на Чешка моќта на македонските репрезентативци на тој натпревар ја почувствуваа Јан Филип и Даниел Кубеш, кои веќе неколку години не се активни ракометари, но како селектори ја водат оваа национална селекција. Од останатите ракометари, во сегашниот состав на Чешка за ЕП 2020 се наоѓаат само уште голманот Мартин Галија, како и бекот Хорак, кој сега за разлика од пред осум години има значајна улога само во играта во одбрана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА