Смета дека треба да биде шампион: Маса со тужба против Формула 1 за трка од 2008 година

Поранешниот Формула 1 возач, Фелипе Маса започна правна постапка против раководството на шампионатот, поранешниот комерцијален директор Берни Еклстон и членовите на Меѓунардоната автомобилска федерација (ФИА) поради исходот на првенството во 2008 година.

Бразилецот смета дека ФИА ги прекршила своите прописи и дека тој треба да биде шампион со оглед на исходот од Големата награда на Сингапур која постана еден од најголемите скандали во историјата на спортот. Покрај тоа тој бара и компензација за „значајни финансиски загуби“ кои произлегле од неуспхот на ФИА, Еклстон и управата на Формула 1.

Во текот на оваа трка возачот на Рено, Нелсон Пикет излета од стазата и се заби во заштитната ограда, а подоцна по истрага беше утврдено дека го направил тоа намерно со цел да му помогне на клупскиот колега Фернандо Алонсо.

Шпанецот ја заврши таа трка како првопласиран, а подоцна неговиот резултат беше поништен па победата замина во рацете на Луис Хамилтон, додека Маса кој пред излетувањето беше лидер, подоцна поради други проблеми заврши на 13. место губејќи значајни бодови во битката за титула која заврши во „фото финиш“ на последната Голема награда на сезоната.

Хамилтон за прв пат стана шампион завршувајќи со еден бод повеќе од возачот на Ферари, а предноста ја стекна токму на контроверзната Голема награда на Сингапур.

Се вчитува...