Смилковски: Искуството од борбата на два фронта ќе ни помогне во иднина, постојано учиме нови работи

Најактивен во првиот дел од сезоната беше тимот на ТФТ. Новалијата кој оваа сезона се бори на два фронта имаше добра полусезона, која ја заврши на делба на третото место на табелата во Првата лига, а и покрај серијата на порази во БИБЛ лигата, тимот од Тафталиџе се уште има шанси за пласман во следната рунда.

„Одигравме 14 натпревари на кои остваривме осум победи, од кои шест во домашното првенство и две во БИБЛ лигата. Апсолутно може да кажам дека резултатски сме презадоволни од оствареното. Дел од поразите беа буквално на една топка каде и можеби ни недостигаше спортска среќа и пред се искуство за една млада екипа како нашата. Задоволни од постигнатото, го користиме истото како една добра подлога и мотив плус во пресрет на продолжението од сезоната“ – вели Боро Смилковски.

По перфектниот старт на сезоната во која ТФТ забележа четири победи на домашната сцена, следеше пад во играта на младиот состав која се должеше на густиот распоред и големиот број на патувања во БИБЛ лигата. Сепак „црно-белите“ на крајот на сезоната го поправија учинокот и блеснаа на дуелот против Гостивар на кој изненадија еден од претендентите за титула.

„По добриот старт на првенството следеше пеколен распоред во месец декември каде за период од 22 дена одиграме осум натпревари и поминавме 4000 километри во кој западнавме во мала резултатска криза, но календарската година ја завршивме со исклучително важна победа над добрата екипа на Гостивар, нешто што несомнено е од огромно морално и резултатско значење за нас. Мојот личен став за големиот број натпревари поради настапот во БИБЛ лигата е дека некогаш тие натпревари можат и да ни „земат“ нешто резултатски, но мислам дека и многу ќе ни вратат понатаму. Стекнатото искуство од играњето на овие натпревари ќе биде значаен фактор за нас во продолжението од сезоната“ – додава младиот стратег.

Серијата од порази во која ТФТ потфрли во одбраната даде и слика за тоа што овој тим треба да поправи за вториот дел од сезоната.

„Ние сме млад тим и сеуште „учиме“ како да играме. Како статистички параметри во досегашниот дел од сезоната, бројот на асистенции по натпревар (14.0), како и бројот на изгубени топки (19.0) ни даваат една јасна слика на тоа што треба да работиме и во кои сегменти да се подобриме. Сепак би повторил дека токму овие статистички параметри се типични за една млада екипа во развој и сметам дека како што одминува сезоната така и ќе бидеме подобри. За мене лично како тренер на оваа екипа можеби е и побитно да немаме осцилации во дефанзивата, каде во месец ноември во кој забележавме четири победи дозволувавме 69.5 поени по натпревар, додека во декември и серијата од пет порази дури по 87 поени на противниците. Тоа е нешто што сметам дека е директен статистички показател од што зависат нашите резултати. Од она што мораме да бидеме задоволни и тоа што не краси како тим е тоа што играме со доста енергија и агресивност, како и фактот што од натпревар во натпревар се подобруваме“  – заврши тренерот на ТФТ.

Борбата на два фронта продолжува за тимот од Скопје и во вториот дел од сезоната. Густиот распоред повторно ќе донесе голем број на натпревари во кус период, кои започнуваат со дуел во БИБЛ лигата на 13. јануари, а три дена подоцна и натпревар во домашното првенство.

Се вчитува...