ТФТ со победа на денешниот Суперкуп „Драган Василов – Цевка“ против МЗТ Скопје (19 часот и 30 минути) ќе има шанса повторно да се запише во историјата на македонската кошарка. Откако го оствари истото со триумф над аеродромци во Купот на Македонија, составот од Тафталице може да го запише своето име како петти освојувач на престижното натпреварување.
Во финалниот натпревар „црно-белите“ влегуваат по мечот против Кемниц во квалификациите за Лигата на Шампиони на ФИБА, меч за кој тренерот Боро Смилковски изјави дека беше одличен предизвик за појаснување на сликата за можностите на составот пред почетокот на сезоната.
Токму на овој начин се гледа и на Суперкупот, но ТФТ ќе се обиде да ги искористи слабостите на составот од Аеродром, да го лимитира во неговите предности и на истото место, против истиот ривал да се радува на нов триумф.
„Суперкуп на Македонија за нас уште еден од низата натпревари кои може да ни ја појаснат сликата за оваа наша „нова“ екипа пред почетокот на лигашките натпревари како и пред почетокот на АБА 2 лигата натпреварувања кои се наш приоритет оваа година. Истовремено, натпревар за трофеј што секогаш дава дополнително значење и сигурен сум дека иако истиот има претсезонски карактер дека и двете екипи ќе влезат максимално концентрирани и подготвени во обид да излезат како победник од истиот.
Екипата на МЗТ Скопје е фаворит, АБА 1 лигаш и сериозна екипа која што одлично ги одработе подготовките, со исклучок на последниот натпревар против ПАОК. Имавме можност да гледаме дел од натпреварите, и иако на моменти покажаа супериорност во однос на ривалите, сепак како и секој имаат и свои слабости кои ние ќе пробаме да ги искористиме на денешниот натпревар. Не очекува едно силно темпо и доколку успееме да ја исконтролираме нивната агресивност, парираме во скокот и имаме една шутерска вечер се надевам дека после Купот, ќе можеме да дојдеме и до трофејот од Суперкупот на Македонија. Ова е една одлична можност за презентација на двете екипи пред своите поддржувачи и искрено се надеваме на одличен натпревар во еден вистински кошаркарски амбиент“, вели Боро Смилковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА