Новалијата ТФТ има старт од соништата издвојувајќи се како едно од најдобрите изненадувања во мак-баскетот. Скопскиот тим, формиран во 2018 година помина низ брз процес на адаптација и во кус период стигна до место меѓу најдобрите екипи во нашата кошарка, а еден од најзаслужните за истото е Боро Смилковски.
„Од самиот почеток нашите амбиции беа да бидеме во друштвото на најдобрите, а изминатите две години беа одлична можност за воспоставување темели на една стабилна организација која ќе биде подготвена за овој предизвик. Пласманот во Првата лига е остварување на дел од зацртаните цели на ТФТ, а сега кога веќе сме дел од најдобрите, нашата интенција е останеме тука во годините кои што следат“ – го започна разговорот за ЕКИПА тренерот на ТФТ.
Покрај дебито на прволигашката сцена, ТФТ оваа сезона е дел и од регионалната БИБЛ лига, исто така, за прв пат во својата историја.
„Балканската лига беше одлична можност за промоција и естаблирање на ТФТ брендот и на регионалната сцена. Неколку натпревари плус на меѓународната сцена се од непроценливо значење за нашите млади кошаркари и нас како организација, бидејќи ни дава увид во „како тоа изгледа“ надовор од Македонија. БИБЛ лигата е навистина едно огромно искуство за млад клуб како нашиот“ – додаде Смилковски.
Тимот од Тафталиџе се наоѓа во одлична форма која резултираше со четири победи во низа во двете натпреварувања. Притоа три победи се со двоцифрена предност, од кои две со повеќе од 20 поени разлика.
„Се наоѓаме во добра форма, во серија од четири победи по ред, по две во домашното првенство и БИБЛ лигата. Резултатите се должат на добрата енергија и атмосфера во тимот, тоа се нашите двигатели. Вредностите на „тим“ и „фамилија“, на, и надвор од теренот се нашата најголема предност во однос на останатите екипи“ – го открива рецептот за успех младиот стратег.
Амбициите во таборот на ТФТ не застануваат тука, а најдоброто допрва следува…
„Досегашните резултати се само мотив за уште поголема работа. Ние сме на самиот почеток, а сезоната е долга. За мене лично како тренер на екипата, постојаниот процес од натпревар во натпревар е голема сатисфкација за нашата работа и едниствено нешто што го потенцирам во моментов. Ние сме тим кој игра во ритам, на енергија и потребно ни е време и натпревари за да оваа нова и млада екипа ја добие својата конечна форма и изглед“ – додава Смилковски.
Добрите резултати на почетокот на сезона ќе бидат добар импулс за младата екипа, но сепак во долгиот процес се оди – чекор по чекор.
„Целите за сезонава ни се опстанок во елитното друштво, па можеби и да изненадиме некој од подобрите клубови. Во БИБЛ лигата пред се целите ни се естаблирање и промоција на нашиот клуб во регионални рамки, што по досегашните резултати би оделе и чекор повеќе, зошто не и втора фаза од натпреварувањето. Сепак би сакал уште еднаш да потенцирам дека од самиот почеток главната цел на ТФТ е формирање на кошаркарски бред во Македонија и на меѓународната сцена, а мислам дека сме на правиот пат во тоа“ – заврши првиот човек на скопскиот состав.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА