Снајдер: Отаменди не е баш чист во главата? Нели!? (ВИДЕО)

Натпреварот од нокаут фазата во Лигата на шампионите меѓу Бенфика и Реал Мадрид (0-1) беше одбележан со бројни инциденти.

Наводниот расизам на крилниот напаѓач на Бенфика, Џанлука Престијани (20) кон Винисиус Жуниор (25) беше клучниот момент на мечот. Но, аналитичарот на „Зиго Спорт“ и поранешен холандски репрезентативец, Весли Снајдер (41), пред се го критикуваше Николас Отаменди (38) затоа што му ги покажа на Винисиус тетоважите од освоените трофеи.

Откако Винисиус го донесе Реал во водство со прекрасен гол во 50. минута, ситуацијата на стадионот „Да Луж“ во Лисабон ескалираше. Бразилецот прво доби жолт картон за танцот со корнер знамето, провокативна прослава кон домашната публика, по што Отаменди се обиде да ги смири тензиите.

Сепак, не успеа во тоа. Престијани наводно го нарече Винисиус – „мајмун“, што предизвика збрка на теренот. Судијата Франсоа Летексиер ја прекина играта со вкрстување на рацете во форма на буквата X, активирајќи го протоколот на УЕФА против расизам откако играчот на Реал, Винисиус Жуниор, пријави наводна дискриминаторска навреда. Натпреварот беше прекинат и продолжи по десет минути.

Снајдер: Отаменди не е многу бистар, нели?

А, потоа при еден корнер, Отаменди му ги покажуваше на Винисиус тетоважите од трофеите освоени на Светското првенство. Бразилскиот напаѓач реагираше на тоа со насмевка, додека на Снајдер не му се допадна потегот на аргентинскиот дефанзивец.

„Го правиш тоа додека губиш со 1-0? Отаменди не е најбистар во главата, нели? Ова е детско однесување. Да бев на местото на Винисиус, ќе му речев: „Пријателе мој, ти не го освои Светското првенство, Меси го освои. Можеш да бидеш среќен што Меси ти го овозможи тоа.“ И, замислете му се обраќаш на некој од Реал… Колку Лиги на шампиони освоил? Четири, пет? Го правиш тоа на погрешна личност. Можеш да им го правиш тоа на другите, но не и на Винисиус“, рече Снајдер, поранешен играч на Ајакс, Реал Мадрид, Интер и Галатасарај, кој освои 20 трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 2010 година.

Како настанала тетоважата?

Дефанзивецот на Бенфика, Николас Отаменди, одигра бројни натпревари со Лионел Меси во аргентинската репрезентација, вклучувајќи ги сите седум на Светското првенство во Катар во 2022 година. Три месеци по Светското првенство, тој ја заврши тетоважата во чест на својот одличен соиграч.

Дефанзивецот најде место за Меси на десната страна од градите и од страната и, заедно со слики од Лео како го бакнува пехарот и во препознатлива поза одзади, врежа „вечна слава“ на врвот, под термините „ентузијазам, убедување и амбиција“, а на дното прашањето „Како ќе ми кажат дека магија не постои?“, заедно со датумот на финалето во Доха.

Отаменди го сподели видеото пред три години на Инстаграм, на задоволство на самиот Меси, кој напиша:

„Видов многу спектакуларни работи направени поради Светското првенство, но колега, пријател како Отаменди да направи ваква тетоважа, тоа е повеќе од посебно! Ти благодарам многу, Ота!“

Отаменди му одговори:

„Она што го виде не е ништо во споредба со она што го гледаме кога играме со тебе. Ти не си само целата земја, ти си историјата на овој спорт. Те сакам, пријателе мој.“

Се вчитува...