За „македонските“ Шпанци, Алекс Душебаев и Жоан Канењас воопшто не е изненадување победата на Македонија против Тунис на стартот од СП во Фрација. Македонија и Шпанија се заедно во Групата Б во Мец. Во вчеаршните први натпревари и едните и другите стартуваа со победа. Македонија со пресврт во вториот дел го победи Тунис, а Шпанија по слично сценарио славеше против Исланд и сега заедно со Словенија имаат по два бода по првото коло.
„Во прво полувреме ние одигравме лошо , промашивме многу зицери. Имавме добри ситуации но, не ги искористивме најдобро, промашивме три седмерци. Ние сами бевме виновни што имавме толку промашување. Во второто полувреме одигравме подобро во одбрана и имавме резултат. Знаеме дека во оваа група секој секого може да победа. Знаеме дека сите може да одиграат добро и дека ќе има многу неизвесни мечеви. Македонија е добро подготвена и тоа се покажа на првиот натпревар со Тунис. Сега ние треба да се подготвуваме за Тунис и тоа е тоа“ – сумираше Алекс Душебаев по натпреварот.
Десниот бек на Вардар и на шпанската репрезентација во комуникација со македонските новинари секогаш зборува на македонски. Сега му се придружи и вториот вардарец, Жоан Канењас, кој во Скопје стигна оваа сезона, но, како и сите Шпанци во Вардар, веќе добро го владее македонскиот и добро се снаоѓа со македонските новинари.
„Одигравме добро, нашата одбрана беше многу добра во второто полувреме. Со ваквата одбрана бевме многу помирни во нападот. Важно беше да се победи на овој прв натпревар. Во вториот дел можевме да направиме уште повеќе контранапади и да постигнеме лесни голови. Не е лесно да се почне со победа еден шампионат. Среќни сме што успеавме да го постигнеме тоа во дуелот со Исланд. Што се однесува за Македонија, мислам дека има добри играчи и може било кого да победа, не ме изненади триумфот против Тунис. За мене беше многу повеќе изненадување поразот на Македонија во олимписките квалификации, отколку оваа победа. Клучна за македонската репрезентација беше супериорноста со играч повеќе, Лино Червар ја пректикува таа игра 7-6. Мислам дека со таа игра го изненади Тунис“ – вели Канељас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА