Чиле е противникот што стои на патот кон втората паза на македонските ракометари. Станува збор за селекција што со години важи за аутсајдер на големите натпреварувања, но која по двата убедливи порази на Македонија сега ќе се обиде да ја искористи кризата во нашиот табор и да стигне и до пласман во главната рунда од СП 2021.
Традицијата пак е целосно на наша страна, бидејќи пред двете скопски контроли Македонија има одиграно и две средби на светските шампионати со Чиле, на кои стигнуваше до победата.
Првиот дуел го одигравме во Севилја, како дел од СП 2013 што се одржа во Шпанија. Тоа беше првото големо натпреварување по одличниот настап и петтото место на ЕП во Србија, а Чилеанците изненадија со одличен отпор. На крајот, Македонија сепак успеа да стигне до победата од 30-28, а најзаслужен беше Кире Лазаров со осум погодоци.
Македонија и Чиле ги одмерија силите и на последниот светски шампионат во Германија, каде нашите ракометари триумфираа со 32-30. Кире Лазаров постигна девет, Дејан Манасков осум, а Стојанче Стоилов пет гола за Македонија на оваа средба.
Од меѓусебните дуели треба да се истакне и мечот од предолимпискиот турнир во Краков. Во третото коло кое не решаваше за ништо бидејќи двете селекции беа без шанси за ОИ, Македонија и без помошта на капитенот Лазаров триумфираше со 30-27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА