ЕКИПА во Вадуз, Лихтенштајн
Никола Ѓуровски
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) го игра петтиот квалификациски натпревар во циклусот за СП 2018 во Русија. На гости во малиот Лихтенштајн, се чини дека е време за првата победа, за да ја разбиеме „нулата“ на бодовното конто. Сите ја посакуваат, сите ја очекуваат победата но селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите ќе треба да ја остварат.
Како да се победи Лихтенштајн? Некои не толку добро упатени во модерниот фудбал ќе речат, па доволно е само нашите да истрчаат на теренот во Вадуз. Не ќе да е така, во денешно време сите играат фудбал, колку и тоа да звучи како фраза за општа употреба. Овој Лихтенштајн, на пример, го намачи Израел на гости и скапо ја продаде кожата против Албанија овде во Вадуз. Големите фаворити Шпанија и Италија секако нели, знаеја како да си ги освојат бодовите со лесна игра и многу голови во противничката мрежа.
Ангеловски и неговите фудбалери имаат ’италијански рецепт’. Тука секако е ударниот тандем од Серија А, Горан Пандев и Илија Несторовски, и тоа се нашите главни напаѓачки адути, заедно со Иван Тричковски, кој игра во голема форма на Кипар, и Бесарт Ибраими од Шкендија, кои ќе напаѓаат по крилните позиции.
Во средниот ред ќе бидат Стефан Спировски и Бобан Николов, двоецот од Вардар, како и Кире Ристевски и Стефан Ристовски по страничните позиции. Централнио дефанзивен тандем ќе го сочинуваат Ванче Шиков и Дарко Велковски, а на голот се очекува да застане Столе Димитриевски.
Македонија ќе се потруди да го повтори ’италијанскиот рецепт’ и од гостувањето на „аѕурите“ во Вадуз. Тие дојдоа и уште во првото полувреме постигнаа четири гола, решавајќи ги сите дилеми околу победникот. Тоа ќе биде и интенцијата на македонскиот национален тим. Што е можно побрзо да постигнеме гол, да го отвориме резултатот и потоа Македонија да има контрола и над играта и над резултатот. Лесно е да се каже, Пандев, Несторовски и останатите треба да го спроведат на дело.
„Се надевам дека ќе постигнам гол и дека ќе има многу голови на мечот со Лихтенштајн. Верувам дека можеме да стигнеме до триумф тоа ќе биде една позитивна пресвртница за нашата репрезентација во овие квалификации“, вели капитенот Горан Пандев. Доволно е тој да покаже дел од мајсторството, а останатите да го следат…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА