Македонската кошаркарска репрезентација патот до Евробаскетот 2025 го започнува од Нествед каде денеска со почеток од 19 часот сили ќе си ги одмериме со Данска. Данците се првиот предизвик во претквалификациите со кои ќе се сретнеме уште со Словачка и Норвешка.
Македонија во овие претквалификации ќе биде предводена од страна на Александар Јончевски, а новиот селектор на дуелот во скандинавската земја ќе може да смета на: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Кристијан Николов, Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Стојан Ѓуроски, Теодор Симиќ, Дамјан Робев, Андреј Маслинко, Андреј Јакимовски, Виктор Ефремовски и Димитар Пандев кои во тимот носат склоп од младост и искуство.
По подолго време репрезентативниот дрес нема да го облече натурализиран играч, но оваа Македонија има квалитет и искусни играчи кои можат и мораат да одговорат во првиот „прозорец“ од претквалификациите бидејќи со оглед на промената на форматот на натпреварување и загарантираното место во квалификациите само за првопласираната репрезентација немаме право на грешка и влез во „математички игри“ како што беше случајот против Естонија во квалификациите за ЕП 2022.
Данска не е наивна репрезентација, напротив во својот состав има квалитетни кошаркари кои веќе докажаа дека можат да приредат сензација, совладувајќи репрезентации како Литванија, Чешка и Финска па затоа фокусот мора да биде на теренот од првата до последната минута.
„Важен е почетокот и многу ни е важно да почнеме добро. Знаеме дека Данска е сериозен противник, одиме на гости, но мислам дека ќе бидеме подготвени за предизвикот. Имаме една добра група, тренираме заедно и верувам дека ќе се подготвиме добро за предизвиците. Добро сме подготвени за првиот натпревар, и мора да продолжиме по истиот пат. Тоа е, напорно да работиме и треба да имаме целосен фокус на Данска, а дури потоа на сите останати“, вели повратникот во репрезентацијата, Ненад Димитријевиќ.
По дуелот во Данска нашата репрезетнација се враќа во Скопје каде в недела ќе биде одигран и вториот натпревар од претквалификациите против Словачка во СРЦ „Кале“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА