Требаше да минат 14 кола, па дури во последното есенско коло во Единствената втора лига на Македонија Вардарски од Богданци да ја забележи првата победа против Осогово со 2:1. Со неа заживееја и надежите дека клубот во пролетниот дел ќе успее да избега од последното место на табелата и да обезбеди барем бараж за опстанок во лигата. Што се случи во клубот, кој имаше турболентна есенска сезона, со високи порази, многу финансиски проблеми, смена на тренери, пред ова последно есенско коло. Откако тренерот Ѓоре Јовановски, поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија по шесте последователни порази си замина од Вардарски, на тренерската клупа на мечот со Осогово преку ноќ седна резервниот голман Трајче Ников, кој инаку поседува „Б“ тренерска лиценца и можеше да го води Вардарски на овој меч од клупата.
Откако по првите 8 кола Вардарски, кој по повеќе години одново се врати во Втората лига, но освои само два бода по нерешените игри со Скопје 2:2 и Детонит Плачковица 0:0, тренерот Васе Беќаров поднесе оставка и си замина. На неговото место Вардарски го ангажираше искусниот Ѓоре Јовановски, до крајот на годинанашнава сезона, со желба да се консолидира клубот и да тргне на подобро. Наместо на подобро, стана уште полошо. Заредија поразите и под водство на Јовановски, дури шест по ред: Охрид 0:3, Башкими 0:3, Победа 2:6, Новаци 0:2, Саса 1:5 и Вардар /Неготино/ 1:6. Сето тоа придонесе пред мечот со Осогово Ѓоре Јовановски да поднесе оставка и да замине од Вардарски, иако дојде со голема желба да му помогне на клубот од Богданци, со своето богато искуство.
Јовановски не сакаше многу да зборува за својот престој во Богданци, видно разочаран од сето она што се случи.
„Дојдов во клуб со многу несредени односи, со големи финансиски проблеми што се одрази на играчите и нивното залагање не само на натпреварите, туку и на тренинзите. Претседателот Бојан Каракамишев се обидуваше со судни маки да ги среди односите во екипата, но беше осамен, немаше голема поддршка“, ни рече Јовановски.
Од добрите познавачи на фудбалот во Богданци дознавме дека некои играчи и не заслужувале да го носат дресот на Вардарски заради својот неспортски однос, дека на многуте тренинзи Ѓоре Јовановски имал на располагање некогаш само пет-шест фудбалери, дека имало несогласувања меѓу младите и постарите фудбалери, кои постојано барале пари за да играат.
Раководството на Вардарски пред мечот со Осогово се најде во „мат “позиција, остана преку ноќ без тренер по заминувањето на Јовановски и беше донесена одлука екипата да ја води резервниот голман Трајче Ников, кој инаку му помагаше во работата на Јовановски. Тој и на мечот со Осогово во протоколот фигурираше како резервен голман и тренер бидејќи поседува „Б“ лиценца. Интересно е да се напише дека есенва Ников бранеше во текот на сите 90 минути против Беласица и Саса иако има 37 години. Трајче Ников имаше богата голманска кариера, бранеше стандардно за Силекс, Шкендија, Металург, Работнички и Пелистер.
Со оглед дека Ников располага со „Б“ лиценца, во Вардарски се на мислење тој да остане на кормилото да го води клубот и во пролетната сезона, особено по оваа прва победа со која сега се зголемија шансите за опстанок во Втората лига, барем преку бараж. Вардарски и Борец се на двете последни места со 5 бода, Осогово има 8, Вардар и Победа 14. Има уште долго да се игра, ништо не е загубено, особено што Вардарски има шанси финансиски да се консолидира и да обезбеди неколку засилувања за пролетната сезона.
Миодраг Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА