Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот во салата „26ти Април“ во Гевгелија ќе ја пречека Норвешка во претквалификациите за Евобаскетот 2025. Исто како и нашата репрезентација, така и Норвешка не знае за пораз по воведниот „прозорец“ па денешниот натпревар на југот на Македонија ќе биде со огромно значење во исполнување на амбицијата – освојување на првото место во групата.
Против Норвежаните нема да биде лесно, тие се репрезентација која игра брза и полетна кошарка со многу обиди за три поени, нешто што добро го почувствуваа Данска и Словачка (62 и 40 отстотна реализација на 30 обиди) и клучно за мечот ќе биде одбраната во транзиција и спречување на добриот проток на топката (26 и 15 асиснтеции).
Голем хендикеп за Македонија е отсуството на нашиот најдобар кошаркар од првиот „прозорец“, Ненад Димитријевиќ кој поради клупските обврски кон Уникс Казањ не може да помогне на татковината, исто како и Андреј Јакимовски кој е во САД. Покрај нив поради повреда од составот отпадна и Кристијан Николов.
View this post on Instagram
Но, за овој дуел селекторот Јончевски ќе може да смета на новиот натурализиран кошаркар, Ти-Џеј Шортс кој дебитира во „црвено-жолтиот“ дрес како најдобар поентер во Бундеслигата. Очекувањата за Американецот се големи, поготово во отсуство на Димитријевиќ, но останува да видиме како 25-годишникот ќе се поклопи во новата средина со оглед на малиот простор за воигрување.
View this post on Instagram
Голема помош за нашите репрезентативци ќе биде домашниот терен во Гевгелија каде исто како и на дуелот во 2018 година против Косово се очекува полна сала која треба да биде „ветар в грб“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА