Младата репрезентација на Македонија викендов стартува уште еден свој собир во рамките на подготовките за настапот на Европското првенство во Полска, кое не очекува во јуни.
Членот на ФК Вардар, Дарко Велковски е еден од столбовите во тимот на Благоја Милевски. Месецов ќе биде на располагање и на селекторот Игор Ангеловски во сениорската селекција, за квалификацискиот натпревар со Лихтештајн. Желбата е секако А тимот да дојде до првата своја победа во квалификациите за СП 2018… И, како што вели Велковски и тоа како е подготвен да помогне во сениорскиот тим да се дојде до триумф, за да потоа се насочи концентрацијата кон обврските во младата репрезентација.
А, собирот на младата селекција почнува в недела од 14 часот со отворениот ден за дружење на младите репрезентативци со македонските љубители на фудбалот на комплексот на ФФМ…
„Секако посакуваме да дојдат што поголем број наши навивачи и да се запознаеме. Посебно најмладите. Нашата енергија и вплотеност би сакале да ја пренесеме посебно на нив. Нас, секоја поддршка ни значи, и ќе се потрудиме да бидеме добри домаќини. А можеби и по некое додавање да размениме, и некоја фудбалска финта да им покажеме. Недела од 14 до 15 часот е времето за дружење на тренинг комплексот на ФФМ“ – вели Велковски.
Престојниот собир е и во насока на што подобра подготовка за тоа што не очекува во јуни во Полска на Европското првенство. Репрезентацијата со она што го направи досега покажа карактер, победнички менталитет и влеа верба во подобра фудбалска иднина. И, сега е на ред Полска…
„Можам да кажам дека едно нешто кое е сигурно е дека Полска лавовски ќе се бориме да ја израдуваме Македонија. Не смееме никако да се опуштиме, и мора да бидеме максимално фокусирани. Во овој наш тим секој си ја знае својата улога. Се надополнуваме, се помагаме и поддржуваме. На тренерот е да ја постави стратегијата, ние максимално му веруваме, и почитуваме. Во Полска ќе се натпреваруваме со квалитетни и цврсти репрезентации. Како и да е, за нас е најважно да останеме приземни, да не се задоволиме со досега оствареното и да посакаме повеќе. А оваа генерација сметаме дека заслужува и може многу. Успесите следат“.
Какво е чувството да се биде дел од една од најуспешните фудбалски генерации на Македонија, и прв учесник во историјата на Европско првенство?
„Чувството се разбира е прекрасно. Сите се надеваме дека ќе продолжиме со успесите благодарение на квалитетот, колективот и хомогеноста на оваа репрезентација. Почнувајќи од голманот, па се до напаѓачите, вклучувајќи го и стручниот штаб. Резултатите влијаат позитивно на нашата самодоверба, и она што е заедничко за сите нас, е што едвај чекаме да дојде нов натпревар. Убаво е да се победува, и да се остваруваат позитивни резултати. Радоста од тоа е за сите. Ни следат два пријателски натпревари, за пробување нешто ново, за доигрување. Црна Гора и Бугарија се квалитетни репрезентации, и сметам дека ќе имаме убави натпревари“ – истакнува Велковски откривајќи ја тајната на сите успеси на младата селекција…
„Тајната е во самодовербата и желбата. Тоа е нешто што е најважно, секако и работата тоа да се оствари. Но секако голема заслуга за ова има нашиот селектор Боби Милевски, со неговата посветеност, енергичност и постојаност. Што да кажам имаме добра генерација, но таа треба и понатаму да се развива, да созрева, да оди напред. Се познаваме долго, речиси осум години. Во одбраната играме цврсто затоа што некои од нас заедно играат и клупски фудбал. Со Зајков игравме заедно пет години, а со голманот Игор седум години ги браневме боите на Македонија ЃП. На фудбалскиот терен се надополнуваме, се помагаме и тоа дава голема сигурност за целата екипа“ – вели Дарко Велковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА