Согласно договорот меѓу Фудбалската федерација на Македонија и домашните прволигаши, во пролетниот дел од шампионатот судиите на натпреварите од Првата македонска фудбалска лига ќе бидат извлекувани со ждрепка.
Па, за првото пролетно коло кое се игра в недела (19. февруари) од 14 часот, денешната ждрепка во ФФМ сакаше главен судија на дуелот меѓу Вардар и Шкупи на „Телеком арена“ да биде нашиот најдобар интернационалец Александар Ставрев, на кого ќе му помагаат Марјан Кировски и Дејан Костадинов.
На дуелот меѓу Шкендија и Силекс во Тетово главен делител на правдата ќе биде Стојанче Стојанов од Штип. Пелагониското дерби меѓу Победа и Пелистер, кое поради реконструкцијата на „Гоце Делчев“ во Прилеп ќе се игра во Струмица, ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје.
Во Ѓорче Петров каде ќе се сретнат Македонија ЃП и Работнички главен судија ќе биде Марјан Маркоски од Охрид, а ќе му помагаат Жарко Тодороски, Ацо Мацевски и Марјан Ецкоски, додека на дуелот меѓу Брегалница и Ренова правдата ќе ја дели Дејан Јакимовски од Скопје, со помошниците Игор Ширилов и Никола Божиновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА