Собранието на ФФМ, на 30-годишнината од приемот на Македонија во ФИФА: Сите во мак-фудбалот сме еден тим… (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Фудбалската федерација на Македонија денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје го одржа своето Редовно Генерално Собрание кое мина во знакот на 30-годишнината од приемот на ФФМ како рамноправна членка на ФИФА.

На Собранието беа присутни 58 од вкупно 60 делегати кои меѓу другото ги усвоија Завршната сметка за 2023 година како и извештај од независен ревизор за 2023 година, извештаите на претседателот и Управниот одбор на ФФМ, а беше усвоен и буџетот за 2024 година. Собранието ја потврди и одлуката за суспензија на ОФС Струмица поради кршење на прописите на федерацијата, утврдувајќи дека во иднина клубовите од овој регион ќе бидат под капата на ОФС Штип.

Генералниот секретар на ФФМ, Наталиа Илиевска Божиновска во своето обраќање истакна дека федерацијата има одлична соработка со Општинските фудбалски Сојузи, како своја база, притоа потенцирајќи ја извонредната соработка со УЕФА и ФИФА.

„Од мое лично и од име на Фудбалската федерација на Македонија би сакала да истакнам дека имаме извонредна соработка со сите вас и би сакала искрено да ви честитам на досегашната работа. Да ви посакам многу среќа, сила и успех во соочувањето со новите предизвици. Како дел од ФФМ, среќни сме што во Општинските фудбалски Сојузи имаме одличен партнер. На тој начин градиме уште посилна федерација со подобра структура, но и одлични односи со другите асоцијации. Секогаш ќе ја помагаме својата база. Затоа и во иднина ќе ве повикувам да разговарате, да се борите, да работиме заеднички, да даваме придонес во насока на унапредување на македонскиот фудбал. Ние сме еден тим. Тоа значи дека заеднички се трудиме да одговориме на сите, па и на тешки прашања и проблеми. Мораме и во иднина јасно да го препознаеме секој проблем и јавно да ја посочиме неправилноста на која наидуваме. Како ФФМ, се трудиме фудбалот да биде модел – место каде што се почитуваат правилата и им се дава шанса на сите. Ние сме мала федерација, но добиваме многу од нашите пријатели од УЕФА и ФИФА. Тие се нашите партнери. Организации кои навистина се грижат за вистинските фудбалски вредности. Организации кои им даваат целосна поддршка на сите свои членки кои имаат за цел да реализираат значаен проект за нашиот спорт“ – истакна Илиевска Божиновска.

На Собранието, преку видео-анализа на изминатите 30 години, беа нагласени успесите во минатото со настапот на Европското првенство за фудбалери до 21 година во 2017 година, како и настапот на ЕП 2020 во Романија и во Холандија, а претседателот Муамед Сејдини потенцираше дека верува во успех и на сениорската конкуренција оваа година во Лигата на нации.

На Редовното Генерално Собрание на ФФМ беа присутни и претставници на највисоките светски фудбалски тела, Мариот Гават од ФИФА и Јозеф Климент од УЕФА.

 

Се вчитува...