Собранието на РФМ во знакот на најавеното заминување на Мукаетов (фотогалерија)

Ракометната Федерација на Македонија денеска го одржа редовното Годишно Собрание на кое првиот човек Живко Мукаетов најави дека на крајот од овој мандат, следната година ќе се повлече од функцијата.

Задоволен од сработеното во последните 12 месеци, Мукаетов не го криеше задоволството од продолжување на развојот на македонскиот ракомет.

„Управниот одбор на РФМ во периодот септември 2023 до август 2024 донесе бројни важни одлуки за развој на ракометниот спорт. Од нив, би истакнал – во сите категории во системот на РФМ одиграни се вкупно 1404 натпревари. За истите само по основ на судиски и делегатски такси од страна на РФМ исплатени се средства од 11,909,063 денари, средства кои порано паѓаа на сметка на клубовите, а сега ги покрива федерацијата. Радува фактот што се појавува голем интерес за вклучување во ракометниот систем, вклучувајќи ги и центрите од помалите средини“, истакна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

На Собранието присутен беше и Министерот за спорт, Борко Ристовски, кој најави уште поголемаа поддршка за ракометот во иднина.

„Благодарност до претседателот Мукаетов за поканата, чест ми е тука меѓу својот спорт и своите спортски работници. Она што сакам да го пратам како позитивна порака е нешто што го зборував изминатиот период – сите заедно да придонесеме спортот да биде еден од столбовите на кое ќе го градиме ова општество. Наша желба е ракометот не само да остане спорт број 1, туку и да го вратиме на нивото на кое беше пред четири-пет години. Во тој процес треба да учествуваме сите, ние како министерство, но и сите вие како клубови“, изјави Министерот за Спорт, Борко Ристовски.

Здружението на ракометни судии и Здружението на контролори поднесоа барање за зголемување на нивните примања од околу 50%. Претседателот Мукаетов објасни дека федерацијата во моментов е во специфична ситуација да го покрие и евентуалното зголемување на судиските такси откако досега ги покриваше таксите за официјалните лица. Тој додаде декаво тој случај дел од трошоците ќе треба да покријат клубовите, апелирајќи и до судиите да бидат пофлексибилни во барањата, кои ги опиша како максималистички.

„Имаме дадено 11 милиони денари, средства обезбедени од спонзори, ние ги покривавме судиите и официјалните лица. А ко некој мисли дека е малку, нека каже. Клубовите треба да се изјаснат дали тие би ја покривале разликата“, истакна Мукаетов.

 

Се вчитува...