Соиграч на Алиоски потпиша во Премиер-лигата за 15 милиони фунти

Екипата на нашиот Езгјан Алиоски, Лидс јунајтед, остана без својот најдобар стрелец откако Крис Вуд денеска го комплетираше трансферот во редовите на премиерлигашот Барнли. Голгетерот од Нов Зеланд беше предводник на нападот на Лидс по трансферот од Лестер во јули 2015 година, постигнувајќи 44 погодоци на 88 натпревари за клубот од „Иланд роуд“. Тој не настапи на последниот дуел од Чемпионшип-дивизијата против Сандерленд, по што се зголемија шпекулациите за негово заминување, кои станаа реалност со денешниот трансфер.

„Премиер-лигата е огромен предизвик, јас ниту еднаш не сум стартувал меч од најсилната лига во светот. Затоа доаѓам во Барнли, ова е тимот за кој сакам да постигнувам голови во Премиер-лигата“ – истакна 25-годишниот Вуд, чиј трансфер од 15 милиони фунти е нов клупски рекорд на Барнли.

Со ова уште еднаш се потврдува дека врвните фудбалери од Чемпионшип-дивизијата лесно можат да обезбедат мултимилионски трансфер во Премиер-лигата, податок што сигурно ќе го мотивира и Алиоски да продолжи со добри игри во дресот на Лидс.

  

Се вчитува...