Екипата на Карпош соколи го испушти триумфот во последните минути од средбата, против екипата на Калев во првиот квалификациски меч, а мечот го загубија со резултат од 87-79. Тимот на Даскаловски беше рамномерен противник во текот на целиот натпревар, но во минути кога се одлучуваше победникот, Соколи не успеаја да го издржат притисокот.
По пет промашени напади во воведните минути, Соколи се разбудија со тројките на Чомагиќ и Николовски, и со солидна серија од 12-2 по пет минути игра во првиот период стигнаа до првото водство од 12-8. Сепак, во остатокот од четвртината екипата на Калев успеа да се врати резултатски со нивна серија од 9-0, па и да ја превземе иницијативата на мечот со резултат од 25-18 по еден изминат период.
На стартот од втората четвртина избраниците на Даскаловски одново успеаа да поенитираат без да дозволат поени во нивниот кош. Делиќ беше режисер на серијата, со две реализирани тројки и 8 поени зад неговото име по само четири минути игра во вториот период, Соколи имаа минимална предност од 28-27, но и таа не издржа долго време. Гостите одново ја превзедоа контролата врз мечот, и така на паузата заминаа со предност од само 3 поени, 42-39.
Во третиот период Соколи ја одиграа најдобра кошарка на средбата. По неизвесниот старт на второто полувреме, Соколи се разиграа и до 7. минута од периодот веќе имаа предност од 9 поени, по серијата од 12-2. Николовски покрај Мекфејден и Делиќ беше најразиграниот играч на домашниот состав со 8 постигнати поени во периодот, кој Соколи го освоија со резултат од 23-15, а севкупниот резултат исто така беше во корист на домаќините, 62-58.
Јасно беше дека ќе има неизвесна завршница на средбата, се играше агресивна одбрана и под двата кошеви. Гостите одново напоравија пресврт во своја корист по 10-2 серија, благодарение двете тројки на Кангур. На само 5 минути до крајот на мечот, тимот на Калев имаше минимална предност од 71-69, а успеаја да ја одржат, па дури и да ја зголемат до последните секунди од средбата. Во моменти кога беше се или ништо за Карпош, домаќините не го издржаа притисокот, па им дозволија на Калев да изгради и прва двоцифрена предност од 87-77 на само една минута пред крајот, за конечниот исход да биде 87-79 во корист на гостите од Естонија.
За македонскиот вицешампион најефикасен беше Тадиус Мекфејден со 23 поени и 6 асистенции, Николовски заврши со 16 поени, додека Ненад Делиќ застана на 14. Кај гостите најрасположен на средбата беше Мазиека со 19 поени, Јоесар заврши со 18 поени и 7 скока, додека Суботиќ реализираше 15 поени и 13 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА