Карпош соколи во второто коло го претрпе и својот втор пораз во рамките од Еврокупот на ФИБА, губејќи на домашен терен со преубедливи 67-101 од рускиот прволигаш Нижни Новгород.
Солидната игра во поголемиот дел од првиот меч со Шолнок даваше надеж дека „соколите“ би можеле да сторат нешто повеќе или во најмала рака да му парираат на посилниот противник, но на теренот во малата сала од СЦ „Јане Сандански“ бевме сведоци на сосема поинаква ситуација. Само првите пет-шест минути беа израмнети, за потоа рускиот состав да почне да ја наметнува својата доминација. На полувреме се замина со преубедливи 30-58, но Нижни не застана тука, гостите продолжија да ја зголемуваат предноста се до самиот крај и конечните 34 поени разлика, пред се поради нешто подобриот финиш на „соколите“, откако резултатот во 38. минута гласеше 61-101.
Кире Николовски со 13 и Американецот Мекфејден со 12 поени беа единствените со двоцифрен ефект кај Карпош соколи, а најефикасен кај Нижни при вечерашниот триумф беше Јеловац со 20 постигнати поени.
Македонскиот вицешампион во третото коло повторно ќе гостува во Унгарија, овојпат на екипата на Фалко Вулкано.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА