Екипата на Карпош соколи ги обезбеди првите бодови во домашното првенство со триумфот над МЗТ Скопје со резултат од 85-83 . Во салата „Јане Сандански“, избраниците на Борче Даскаловски го направија најголемото изненадување на стартот од новата сезона во македонскиот шампионат.
Очекувано неизвесен почеток на средбата во „Јане Сандански“. Во воведните минути МЗТ имаше мала иницијатива, се чинеше дека ова ќе биде лесен плен за избраниците на Тодоров, но по неколку нереализирани напади на „аеродромци“, се случи пресврт во корист на гостинскиот состав. Карпош Соколи со серија од 12-2 кон крајот на првиот период го превзеде водството, па четвртината ја доби со 22-16.
Екипата од Карпош продолжи со импресивната игра и во втората четвртина. Ја одржуваа предноста во целата четвртина, иако во 16. минута од мечот МЗТ успеа да го изедначи резултатот, но сето тоа беше само за момент. Соколи во последните три минути од вториот период направија нова серија од 16-2 стигнаа до првата двоцифрена предност, за дотогаш највисоки +14, па на паузата заминаа со резултат од 47-33 во нивна корист. МЗТ се соочуваше со проблеми и во нападот, и во одбраната.
Изненадени од пристапот на гостите, кошаркарите на МЗТ Скопје во второто полувреме со сите сили се обидуваше да ја намали високата негатива. Токму екс-кошаркарот на тимот од Карпош, Бојан Трајковски реши да ја земе работата во свои раце, па со своите 12 поени за неполни 10 минути успеа колку толку да го врати мечот во неизвесност. Сепак, предноста и натаму беше двоцифрена, но МЗТ го освои периодот со 26-23, а резултатот по 30 минути игра беше 70-59 во корист на составот на Даскаловски.
Јасно беше дека тимот на Ацо Тодоров нема така лесно да се предаде. Како што одминуваа минутите од последниот перидо, МЗТ полека се враќаше резултатски за да приреди неизвесна завршница. Со додатни напори, на само четири минути до крајот, „аеродромци“ ја намалија негативата на само шест поени. Сепак, во завршнице секунди МЗТ немаше сили за комплетен пресврт. Во последниот напад, МЗТ беше награден и со две слободни фрлања, кои и да ги реализираше Дамјановски немаше да бидат доволни за евентуални продолженија.
За тимот на МЗТ Скопје најефикасен учинок имаше Бојан Трајковски, заврши со 34 поени и 8 скока, додека Ерик Гарсија забележа 13 поени. Во редовите на Карпош, дури петмина кошаркари имаа двоцифрен број на поени, а најрасположен беше Дарко Соколов со 17 поени и 7 асистенции, додека Жарко Чомагиќ заврши со 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА