Кошаркарите на Карпош соколи вечерва (20 часот) со гостувањето против Мега лекс во Сремска Митровица ќе го завршат својот дебитантски настап во АБА-лигата. „Соколите“ очајно ја почнаа сезонава, но со тренерската смена и доаѓањето на Драган Николиќ за нов кормилар овој клуб заигра одлично, влезе во фантастична серија победи на домашен терен, па уште на две кола до крајот го осигура опстанокот.
По триумфот на последниот домашен меч против Задар, избраниците на Николиќ можат максимално опуштено да влезат во вечерашниот дуел кој е без никакво резултатско значење за двата тима. По оваа средба, „соколите“ целосно ќе ги насочат погледите кон домашното првенство, каде ќе стартуваат во Супер-лигата со домашен дуел против Работнички следната среда.
„Мега лекс во последните пет кола оствари четири победи, во просек постигнувајќи над 90 поени по натпревар, што доволно говори за моменталната форма на домаќинот. За мене ова не е изненадување, знам како работи мојот колега Дејан Милојевиќ и за очекување е да се подобрат нивните резултати по испаѓањето од Лигата на шампионите, со што добија можност за поинтензивни тренинзи. И двата тима имаат обезбедено опстанок, но познавајќи се себеси, но и карактерот на Милојевиќ, сигурен сум дека овој натпревар нема да биде од ревијален бидејќи за нас дефинитивно не постојат средби без резултатско значење“ – изјави тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ, во пресрет на вечерашниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА