Кошаркарите на Карпош соколи претрпеа убедлив пораз од 94-73 на првиот натпревар од групната фаза во Еврокупот на ФИБА, откако македонскиот вицепрвак не успеа да го издржи темпото што го наметна унгарскиот тим, кој одигра фуриозно во нападот. „Соколите“ солидно парираа 25 минути и покрај отсуството на стартниот центар Делиќ, но немаа сили да издржат откако останаа и без Лабовиќ (во втората четвртина му беше досудена неспортска лична, а во третата техничка за флопинг, автоматски и исклучувачка).
Уште од самиот почеток на средбата беше очигледно дека избраниците на Даскаловски ќе имаат проблеми да ги запрат налетите на домашните кошаркари, кои делуваа одлично во нападот. По водството од 12-6 „соколите“ стигнаа до 12-11, но следеше нова серија на домашниот тим, кој веќе во осмата минута стигна до двоцифрена предност (21-11). Даскаловски побара тајмаут, но ситуацијата не се промени премногу, па Шолнок со поените на Пери со звукот на сирената ја заврши стартната четвртина со убедливи 26-15. Шутот од далечина не беше оружје на македонскиот вицепрвак на оваа средба, а Шолнок го искористи тоа за рутински да го контролира резултатот. На средината од вториот период при резултат 36-23 беше досудена неспортска лична грешка на Лабовиќ, па домаќините набрзина стигнаа до 39-23. Следеа две брзи тројки на македонскиот клуб, по што домашниот тренер побара тајмаут при резултат 41-31. Шолнок го реализираше првиот напад по тајмаутот, но Николовски возврати со нова тројка, за на крајот првото полувреме да заврши со резултат 43-34.
„Соколите“ ја стегнаа одбраната на стартот одтретата четвртина, намалувајќи на 46-41. Сепак, повторно кон средината на четвртината македонскиот тим заработи неспортска лична грешка, овојпат на Николовски, па Шолнок за неполна минута стигна до 57-45, принудувајќи го Даскаловски на нов тајмаут. Советите на македонскиот тренер вородија со плод, „соколите“ експресно дојдоа до 57-51, но тогаш дојде до сериозен проблем – Лабовиќ доби техничка грешка за флопинг, воедно и исклучувачка. Шолнок за помалку од две минути зголеми на 65-51, па домаќините влегоа во последните десет минути со предност од преубедливи 73-56.
Последните десет минути домашните кошаркари ги одиграа рутински, целосно контролирајќи го резултатот се до конечните 94-73.
Мекфејден со 15 поени беше најефикасен кај Карпош соколи, пред Браун со 13 и Николовски и Ѓуроски со по 11 поени. Најдобар стрелец кај Шолнок беше поранешниот плејмејкер на „соколите“, Кендрик Пери, со 16 постигнати поени.
Во рамките од второто коло македонскиот претставник ќе го пречека тимот на Нижњи Новгород од Русија, натпревар закажан за 25 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА