Карпош соколи претрпе убедлив пораз од Мега лекс (82-69) во рамките од последното коло во АБА-лигата, меч што немаше преголемо резултатско значење бидејќи и двата тима го имаа обезбедено опстанокот, а беа далеку од битката за висок пласман на табелата. Убедливиот пораз не е заслужен ако се знае дека „соколите“ во поголемиот дел од средбата играа „егал меч“, на тринаесет минути до крајот водеа со осум поени, но потоа дојде до огромен пад во нивната игра што домаќините го искористија за да стигнат до победа изразена со конечни 13 поени разлика.
Мечот почна со ефикасна игра на двете страни, па по почетното водство на Мега лекс од 5-0 „соколите“ експресно се вратија и во петтата минута резултатот беше израмнет на 10-10. Најдобар во првата четвртина во редовите на Карпош соколи беше Игор Пенов со осум поени, а „соколите“ со цврста одбрана во финишот го добија овој период од мечот со 15-20. Само три минути им беа доволни на домашните кошаркари за повторно да го сртат резултатот во своја полза, поведувајќи со 22-21, по што до крајот на полувремето се водеше израмнета битка. Македонскиот претставник во неколку наврати имаше предност од по три поени, домаќините се враќаа, па по тројката Новак, Пери со поени во самиот финиш се погрижи тимот на Драган Николиќ да замине на одмор со минимални 40-42.
Ниту остатокот од натпреварот не донесе ништо поразлично на теренот, двата тима се менуваа во водство, а први до нешто посериозна предност стигнаа „соколите“, кои во 27. минута поведоа со 50-58, откако Шепа погоди две тројки, по што Лабовиќ нанижа четири поени. Тогаш сосема неочекувано дојде до пад во ритамот на игра на „сино-жолтите“, по што домаќините не само што експресно се вратија, туку со фуриозна серија од 12-2 поведоа уште пред крајот на последната четвртина (62-60). Кризата во таборот на Карпош соколи се продлабочи, македонскиот тим повеќе од три минути беше без реализација во четвртиот период, по што Мега лекс поведе со 69-60, а Николиќ побара тајмаут.
Веднаш по тајмаутот Соколов погоди тројка, но домаќините се полесно го наоѓаа лекот за одбраната на „соколите“, па Мега лекс за првпат стигна и до двоцифрена предност (73-63). Бојан Трајковски постигна тројка, но потоа следеше тајмаут на домаќините, па нивна нова мини-серија, со која практично беше и решен победникот.
Бојан Трајковски со 17 поени беше најефикасен кај македонскиот прволигаш, пред Лабовиќ со 14. Спасојевиќ со 20 поени беше прв стрелец на Мега лекс, а во редовите на домаќините се појави и македонскиот репрезентативец Предраг Самарџиски, кој за осум минути игра имаше три поени, еден скок, една аситенција и една украдена топка.
Карпош соколи ја завршува својата дебитантска сезона во АБА-лигата со десет победи и шеснаесет порази, добар резултат ако се знае дека „соколите“ имаа скор од 0-8 на стартот, се до доаѓањето на Драган Николиќ за тренер. Со овие десет победи тимот на Карпош соколи обезбеди опстанок, но тоа не значи и сигурно учество во АБА во следната сезона. Според пропозициите, Македонија има право на само еден директен учесник, шампионот на домашното првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА