Карпош соколи се наоѓа на чекор до финалето во плејофот откако поведе со 2-0 во полуфинална серија со Работнички. За разлика од трилер-завршницата во „Градски парк“, овојпат „соколите“ не дозволија сличен епилог на денешниот дуел во СЦ „Борис Трајковски“, доминирајќи во текот на целиот натпревар и заслужено славејќи со 90-79, стигнувајќи на само една победа до големото финале.
Стартните пет минути минаа во израмнета борба (10-9), за потоа Карпош соколи да заигра подобро и да почне да ја гради својата предност. Домаќините имаа 15-10, Работнички последен пат се доближи на 17-16, но „соколите“ беа подобри во финишот од четвртината и го завршија првиот дел од мечот со водство од 26-18, по тројката на Шепа постигната во последната секунда.
Со положувањето на Илиевски гостите од „Градски парк“ се доближија до 34-31, но следеше серија од 9-2 на домашниот состав, кој повторно си создаде удобна предност. Одличен во првото полувреме беше Лабовиќ, кој постигна 17 поени за одлична позитива на „соколите“ од 52-42 по дваесет минути игра. Избраниците на Николиќ рутински го контролираа резултат во второто полувреме, Работнички најмногу се приближи до „минус седум“ (82-75), но Соколов одговори со тројка со која стави крај на дилемите околу победникот.
На крајот, Карпош соколи заслужено славеше со конечни 90-79, благодарение на одличните Лабовиќ (20 поени) и Зековиќ (15 поени). Чековски со 26 поени и Тасовски со 18 поени беа најефикасни кај Работнички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА