„Соколите“ повторно приземјени во Унгарија

Карпош соколи го претрпе и третиот пораз во низа во рамките од Еврокупот на ФИБА, откако македонскиот првак не успеа да ја освои Унгарија ниту на второто гостување во оваа земја. По почетниот неуспех против Шолнок, „соколите“ вечерва беа поразени и од екипата на Фалко Вулкано со убедливи 108-87.

Во ситуација кога во текот на вчерашниот ден останаа без тренер по оставката на Борче Даскаловски, а во тимот го немаа ниту Дарко Соколов, „соколите“ немаа сили да му се спротивстават на расположениот противник, пред се поради очајната игра во дефанзива. Противникот постигна 31 поен во првиот период, но Карпош соколи исто така одигра добро во нападот, па пред се благодарение на Лабовиќ (12 поени за десет минути) не дозволи домаќините да се одлепат и стартната четвртина заврши со резултат 31-27. Сепак, Фалко продолжи во ист ритам и во втората четвртина, македонскиот вицепрвак почна да ги промашува своите шутеви, па на одмор се замина со двоцифрена предност за унгарскиот претставник 64-49.

„Соколите“ во второто полувреме во неколку наврати успеваа да ја преполоват таа разлика, но немаа сили за целосен пресврт, па со падот на концентрација во самиот финиш претрпеа уште еден пораз изразен со над 20 поени разлика.

Браун постигна 23, Мекфејден беше стрелец на 18, а Лабовиќ на 17 поени за македонскиот претставник, кој се соочува со сериозна финансиска криза на самиот старт од оваа сезона.

Се вчитува...