Карпош соколи тргна триумфално во Супер-лигата откако освојувачот на Купот на Македонија славеше во првото коло против Работнички со резултат 94-90. Тимот на Марин Докузовски беше дополнително ослабен со неиграњето на Чековски, се држеше во натпреварот пред се благодарние на извонредниот Диме Тасовски, но на крајот сепак пресуди квалитетот и подолгата ротација што ја имаше домашниот тим. Особено драматична беше завршницата кога „соколите“ од осумнаесет поени предност се доведоа во ситуација да ја бранат победата, но избраниците на Николиќ покажаа искуство кога беше најзначајно и стигнаа до посакуваниот триумф.
Николиќ ги погоди првите два шута и ја најави одличната прва четвртина на Работнички. Гостите од „Градски парк“ доминираа се до осмата минута, кога стигнаа до предност од 15-23, имаа и напад, но потоа имаа три загубени топки во ноза, овозможувајќи им на домашните кошаркари да се приближат, па првиот период заврши со резултат 20-23. Работнички ја отвори втората четвртина со тројка на Владо Илиевски, но следеше далеку подобра игра во одбраната на Карпош соколи, благодарение на која освојувачот на Купот на Македонија направи серија од 12-0 и го сврте резултатот во своја полза. Тасовски ја прекина серијата на домашниот тим, нешто подоцна Маслинко намали на 36-35, но Работнички не постигна ниту еден поен во последните две и пол минути од полувремето, па Карпош соколи замина на одмор со водство од убедливи 50-41.
Искусните кошаркари на Работнички зедоа здив, па го почнаа вториот дел во висок ритам, со две тројки на Тасовски враќајќи се во натпреварот. Шутот од далечина функционираше беспрекорно, па откако Тасовски погоди уште две тројки (претходно и Илиевски беше еднаш прецизен) тимот на Марин Докузовски стигна и до минимална предност 56-58. Сепак, како што минуваше времето така домашниот состав ја консолидираше својата игра, од далечина погодија Мавра и Лабовиќ, „соколите“ повторно ја стегнаа одбраната, па стигнаа до „плус девет“ на крајот од третата четвртина (75-66).
Гостите, кои по триесет минути игра настапија со само осум играчи во ротација (Маслинко и Павловски имаа минимална минутажа), за момент загубија здив во последната четвртина, а Карпош соколи знаеше како да го искористи тоа. Тимот на Драган Николиќ уште повеќе си ја зголеми разликата, со тројката на Бојан Трајковски поведувајќи со 88-70, пред Работнички да направи сопствена серија од 11-0 и да намали на 88-81 на две минути до крајот. Мираковски дури и погоди тројка за 88-84 на помалку од сто секунди до крајот, но Зековиќ реализираше во вистински момент за Карпош соколи. Иако Работнички реализираше уште неколку напади, домаќините сепак погодија кога беше најпотребно, па славеа со конечни 94-90.
Бојан Трајковски со 20 поени беше најефикасен кај Карпош соколи, пред Зековиќ со 19 и Лабовиќ со по 13 поени. Тасовски беше главна фигура на овој локален дерби меч со девет погодени тројки за вкупно 37 поени, Мишановиќ постигна 20, а Владо Илиевски 11 поени при првиот пораз на Работнички во Супер-лигата.
Првото коло од кошаркарската Супер-лига ќе се комплетира утре, со пресметката меѓу МЗТ Скопје и Фени индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА