Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Дарко Соколов, денеска и официјално потпиша договор со македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром. Тој во следните 18 месеци ќе го носи дресот на „штрковите“, информираат од клубот од „Јане Сандански“.
„Со ангажирањето на Соколов добивме дополнителен квалитет на бековската позиција, што и тоа како ќе биде важно во преостанатиот дел од сезоната во која сино-белите бркаат опстанок во АБА-лигата и двојна круна на домашна сцена. Станува збор за искусен кошаркар кој имаше играно за екипи како Вардар, АМАК-СП, Струмица, Фени индустри, Работнички и Карпош Соколи од каде што доаѓа во нашите редови“, истакнуваат од МЗТ Скопје на својот клупски сајт.
Соколов веќе има искуство со настап во дресот на „металците“ и тоа неколку месеци во 2009 година. Неговото деби се очекува на средбата против Цедевита на почетокот од следниот месец.
Управата на клубот истовремено ја информираше јавноста за раскинот на договорот со Американецот Ерик Гарсија, кој веќе извесен период е надвор од првиот состав на МЗТ Скопје Аеродром. Соработката е прекината со обострана согласност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА