Солари има три меча за докажување, ако „положи“ ќе остане тренер на Реал Мадрид

Реал Мадрид и тренерската позиција во редовите на актуелниот европски првак и понатаму е топ тема во светската фудбалска јавност. Хулен Лопетеги доби отказ по очајниот старт на сезоната, а како привремено решение на клупата седна Сантијаго Солари, кој беше тренер на Б-тимот на „кралевите“. И тргна победнички, со триумф од 0-4 против нисколигашот Мелилја, во Купот на Шпанија. Но, вистинските предизвици допрва претстојат, а Солари ќе добие десетина дена за докажување, па доколку го положи испитот, можеби и ќе остане на клупата на Реал Мадрид многу подолго од предвиденото.

Како ултиматум на Солари му се поставени победите на претстојните три натпревари, против Валјадолид и против Селта во Ла Лига, како и против Плзен во Лигата на шампионите. Ако тимот влезе во победничка серија, Сантијаго Солари ќе биде и официјално претставен како нов тренер на Реал Мадрид.

Во меѓувреме, продолжуваат шпекулациите кој би можел да седне на клупата на „кралскиот клуб“. По различните ставови со Антонио Конте, сега претседателот Флорентино Перез се насочи кон Маурицио Покетино и кон Роберто Мартинез.

Се вчитува...