Солбакен: Вардар е сега фаворит, а Копенхаген треба да покаже дали е моќен

Македонскиот првак Вардар утре (20 часот) во Данска го игра реванш натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, против Фк Копенхаген. Со предност од 1-0 „црвено-црните“ отпатуваа на возвратниот дуел, а тренерот на ривалот, Стале Солбакен, смета дека сега Вардар е фаворит за пласман во следната рунда од елитното европско клупско натпреварување.

„Вардар е сега фаворит, тоа е јасно по резултатот на првиот натпревар. Доколку ние сакаме тоа да го промениме, ќе треба да покажеме многу повеќе моќ на вториот меч. Знам дека е почеток на сезоната, но ќе мора фудбалерите да го зголемат интензитетот и да внесат многу повеќе енергија во самиот настап“, истакна Стале Солбакен, на денешната прес – конференција, во пресрет на утрешниот натпревар.

Тој не се сомнева дека Копенхаген ќе игра поофанзивно и дека ќе успее да постигне гол, но вели дека клучно ќе биде да ја сочува својата мрежа мирна.

„На овие европски натпревари, многу е важно дома да не примите гол. На Вардар тоа му успеа во Скопје, а мораме да признаеме дека дел од „вината“ лежи и во нашиот тим. Едноставно не бевме на вистинското ниво. Но, сега клучен фактор ќе биде и ФК Копенхаген да не прими гол на утрешниот реванш. Околу офанзивата, мислам дека тука ќе одговориме сега многу подобро и мислам дека ќе постигнеме најмалку еден погодок“, дополни тренерот на данскиот првак, ФК Копенхаген.

 

Се вчитува...