Солскјер: Јунајтед треба да учи од Тајсон Фјури…

Оле Гунар Солскјер издржа уште една голема офанзива на јавноста која гласно бараше негова смена по фијаското против Ливерпул, но управата на Манчестер Јунајтед повторно му укажа доверба на Норвежанецот да најде излез од кризата.

Тој е убеден дека ќе го стори токму тоа, надевајќи се на добар резултат на утрешниот дуел со екипата на Тотенхем.

„Знам како да се однесувам во кризни ситуации, па јас веќе преживеаав два-три вакви моменти. Ќе го надминеме она што ни се случува“, изјави Солскјер.

Норвежанецот го спореди настапот на Јунајтед на последното дерби со Ливерпул со боксер што се наоѓа на падот уште во првата рунда.

„Знам каде згрешивме. Се однесувавме како зашеметен боксер. Во првата рунда бевме патосирани и веднаш решивме да го возвратиме ударот. А добивме нов удар, и уште еден… Треба да учиме од Тајсон Фјури и неговото однесување кога е во нокдаун. И кога е на подот тој е многу смирен, ќе изброи до шест, седум, осум, па дури тогаш ќе стане. Нашата грешка беше што прерано станавме“, метафорично објасни стратегот на Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...