Оле Гунар Солскјер веќе подготвува листа со желби за зимскиот преоден рок откако управата на Манчестер Јунајтед му ги доделила за трошење парите добиени од продажбата на Ромелу Лукаку во Интер. Стратегот на „црвените ѓаволи“ ќе има 75 милиони евра за инвестирање во играчкиот кадар, се со цел Јунајтед повторно да се врати меѓу најдобрите четири екипи во Премиер-лигата и да обезбеди учество во Лигата на шампионите.
Норвежанецот летово беше фокусиран на засилување на одбраната, купувајќи ги Ван Бисака од Кристал Палас и Мегваер од Лестер. „Црвените ѓаволи“ долго време беа поврзувани со ангажман на врвен плејмејкер, но откако беше донесена одлука Погба да остане, беа прекинати преговорите за ангажман на Бруно Фернандес од Спортинг Лисабон и за Сергеј Милинковиќ Савиќ од Лацио.
Интересно ќе биде да се види дали Солскјер ќе тргне по еден од овие двајца фудбалери во јануари, можеби ќе се сврти кон Кристијан Ериксен, кој тогаш ќе има само уште шест месеци од договорот со Тотенхем. Тоа во многу нешта ќе зависи од функционирањето на нападот на Јунајтед, кој е значително ослабен со заминувањето на Лукаку и со најавеното напуштање на Алексис Санчез. Ако Марсијал и Рашфорд ја оправдаат довербата, тогаш во јануари ќе биде донесен нов плејмејкер, во спротивно приоритет ќе биде ангажманот на нов врвен голгетер на почетокот од 2020 годинa.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА