Филипе Кутињо повторно е несреќен во Барселона, но Бразилецот повеќе не се наоѓа на листата со желби на Манчестер Јунајтед како што тоа беше случај пред крајот на 2018 година. Причината е јасна, менаџерската смена на „Олд Трафорд“, па додека Жозе Мурињо беше фан на Кутињо, тоа воопшто не е случај со Оле Гунар Солскјер. Норвешкиот стратег е свесен дека за ангажман на поранешниот ас на Ливерпул ќе му бидат потребни над 80 милиони фунти и се сомнева дека Кутињо би можел да ја оправда таа инвестиција, па Манчестер Јунајтед воопшто нема да се вклучи во трагата по Бразилецот.
Наместо тоа, Солскјер собира пари за да доведе англиско супезасилување како главна ѕвезда во летниот преоден рок. Станува збор за Џејдон Санчо, тинејџерот што за неколку месеци ја „запали“ Бундес-лигата со бројни извонредни настапи во дресот на Борусија Дортмунд.
Тој е „дете“ на Манчестер Сити, но не крие дека би се вратил назад во Премиер-лигата доколку добие примамлива понуда во иднина. Ако се знае дека Јунајтед подготви 80 милиони фунти за отштета и плата од 150.000 фунти неделно за новиот „бисер“ на англискиот фудбал, јасно е дека и Санчо и Борусија Дортмунд ќе бидат заинтересирани за мегатрансфер на овој млад фудбалер на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА