Солскјер: Немам дилеми, на вистинското место сум

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, вели оти е сигурен во неговата работа и покрај тоа што премиерлигашкиот гигант е само на три бода над зоната за испаѓање. Откако беше назначен за постојан менаџер, Норвежанецот има само пет победи на 18 натпревари. 46-годишната поранешна ѕвезда на Јунајтед е вториот во редот за менаџери за кои се предвидува дека ќе ја загубат работата веднаш по предводникот на Евертон, Марко Силва.

„Сигурен сум во себе. Ако не е така тогаш и целиот свет ќе има дилеми за мене. Многу разговараме во клубот и веруваме во она што го правиме“ – вели Солскјер.

Во четвртокот, извршниот потпретседател на Јунајтед, Ед Вудворд, изјави дека на Солскјер ќе му биде дадено време да ги реализира плановите што значи дека клубот веројатно има намера да остане со поранешниот напаѓач на кормилото.

Манчестер Јунајтед вечерва го пречекува Арсенал во дербито на седмото коло во Премиер-лигата. Јунајтед е на 11.позиција на табелата со биланс две победи, две нерешени и два пораза по шесте рунди и осум бода. Арсенал е некоја позиција погоре, но со само три бода повеќе од денешниот ривал.

 

 

Се вчитува...