Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, смета дека Маркус Рашфорд нема да биде под негативно влијание по промашениот пенал во финалето на Европското првенство и дека и во иднина ќе сака да изведува удари од белата точка за „црвените ѓаволи“.
Рашфорд важи за еден од трагичарите на Англичаните, бидејќи промаши пенал во третата серија од последниот дуел со Италија и со тоа влијаеше на „гордиот албион“ да не ја освои својата прва европска титула.
Ваквиот исход беше кобен за фудбалерот на Јунајтед, кој беше мета на расистички напад, што може дополнително да влијае на неговата самодоверба. Солскјер, сепак, не смета дека целата ситуација ќе ја наруши формата на Рашфорд.
„Рашфорд го покажа вистинскиот карактер. Сите знаеме колкава е одговорноста во ваква ситуација, многу играчи едноставно не сакаат да изведуваат вакви пенали. Можете да бидете херој или трагичар. Тоа е фудбалот. Многу можете да научите од такви работи и излегувате на крај посилни. Знам дека Маркус ќе продолжи да се појавува и во иднина да изведува пенали за нас“, рече Норвежанецот.
Минатата сезона Бруно Фернандез беше главниот изведувач на ударите од белата точка за Јунајтед. Покрај него, одговорноста обично ја преземаат Рашфорд и Пол Погба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА