На стадионот „Конда“ преплавен од емоции и сеќавања, синоќа се одигра првиот натпревар помеѓу Чапекоенсе и Атлетико национал во рамките од Рекопа Судамерикана, четири месеци откако се случи трагедијата во која загинаа 71 патник, вклучувајќи ги 19 играчи на Чапеконсе. Натпреварот заврши во полза на домаќинот, со резултат 2-1, но тоа сепак беше во втор план.
Атмосферата во арената беше и повеќе од фантастична. Целиот ден беше посветен на оддавање почит на загинатите. Во градот Чапеко беше прогласен неработен ден за сите 200.000 жители да можат да го проследат натпреварот и да присуствуваат на церемонијата. Пред натпреварот фановите на Чапе маршираа од центарот на градот до стадионот, додека на полувреме се прикажуваа видеа со посебни моменти на тимот и нивното патешествие до трофејот на Копа Судамерикана. Мечот беше прекинат во 71. минута, во знак на 71 патници кои загинаа, а присутните на стадионот ракоплескаа цели 60 секунди, уште еднаш во нивна чест.
Преживеаните фудбалери од несреќата, ставија писма во капсула која ќе биде отворена за 43 години, бидејќи клубот е формиран пред точно 43 години, а ќе чекаат уште толку за да се присетат на овие моменти.
Реваншот ќе се одигра на 10. мај, во Меделин на стадионот „Атанасио Гирардо“, каде што патуваа фудбалерите на Чапекоенсе пред трагичната несреќа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА