Сон е голем човек: Побара прошка од навивачите за соиграчот што му го повреди прстот

Сон Хјонг Мин со години наназад е најдобар фудбалер во Азија, но асот на Тотенхем ја покажа и својата човечка големина откако јавно побара навивачите од Јужна Кореја да му простат на неговиот репрезентативен колега Ли Кванг Ин.

Станува збор за играчот со кого Сон имал мал физички конфликт пред полуфиналниот дуел од Купот на Азија. При тој конфликт Сон се здобил со скршеница на прстот на раката, а откако следниот ден Корејците загубија од Јордан со 0-2, Ли веднаш беше прогласен за „државен непријател“ и главен виновник за неуспехот.

Фудбалерот на Тотенхем денеска преку објава на својот профил на инстаграм побара прошка за помладиот репрезентативен колега.

„Сите наши фудбалери, како повискусните во репрезентацијата, посебно ќе се грижат за Кванг Ин Ли за да го спречат неговото погрешно однесување и да му помогнат да израсне во подобра личност и подобар фудбалер. Кога бев помлад и јас грешев, мислам дека сум овде каде што се наоѓам благодарение на советите и лидерството на нашите ветерани од тоа време, кои секогаш беа крај мене за да ми помогнат. Од тој инцидент, Ли мина низ навистина тежок период. Ве замолувам да му простите со вашето великодушно срце“, објави Сон.

Како што пренесе ББЦ, 23-годишниот фудбалер на ПСЖ го посетил Сон во Лондон за лично да му се извини. Ли претходно јавно се извини на сите, но сепак беше жестоко критикуван од јавноста во татковината.

„Тој ден направив нешто што не смеев и длабоко жалам поради тоа. Ветив дека ќе имам подобар став и ќе бидам пољубезен во односот кон повозрасните колеги, сакам уште еднаш да им се заблагодарам што го прифатија моето извинување. Знаев колку овој турнир му беше важен на Сон, но со своето однесување не го покажав тоа. И мислам дека од таму почнаа сите проблеми“, истакна Ли пред неколку дена.

Се вчитува...