Сон ќе го плати цехот за слабата сезона на Тотенхем

Тотенхем има катастрофална сезона откако лондонскиот клуб во рок од неколку дена беше елиминиран од ФА Купот и од Лига-купот на Англија, во Премиер-лигата се наоѓа на 14. место, а управата на чело со Даниел Леви подготвува коренити промени во текот на летото.

По последните слаби резултати неизвесно е дали тренерот Постекоглу ќе остане на чело на „спарси“ до крајот на сезонава, но сериозен ремонт се подготвува и во играчкиот кадар, на чело со капитенот Сон.

Тотенхем неодамна ја активираше клаузулата во договорот на корејскиот голгетер за тој да остане во клубот до јуни 2026, но „спарси“ се посериозно размислуваат да го продадат овој фудбалер. Имено, летово ќе биде последна можност за такво нешто, Кореецот е високо на листата со желби на клубовите од Саудиска Арабија, па „спарси“ се надеваат на отштета од 50 милиони евра што би била реинвестирана во откуп на договорот на Матис Тел, тинејџерот кој зимава дојде на позајмица од Баерн Минхен.

Се очекува заедно со Сон да си заминат и Бентанкур, Педро Поро, Регуилон и Ришарлисон, во обид лондонскиот клуб да застане на нозе, да доведе нови засилувања и со свежа крв од следната сезона повторно да го нападне горниот дел на табелата во Премиер-лигата.

Се вчитува...