Раководството на македонскиот второлигаш Вардар Неготино испрати соопштение до јавноста по повод големиот инцидент што се случи на саботниот натпревар во Новаци, кога физички беше нападнат нивниот претставник за време на второлигашкиот меч со истоимениот домаќин, ФК Новаци. Тие бараат ФФМ да ги преземе сите мерки за виновниците да бидат казнети и да сносат соодветни санкции. Соопштението го пренесуваме во целост…
Управата на ФК Вардар Неготино, во свое име, во име на играчите и на клубот, но и во име на сите поддржувачи и навивачи најостро го осудува инцидентот на саботниот натпревар меѓу ФК Новаци и ФК Вардар. Ако се стремиме кон модерните стандарди на фудбалот, недозволиво е и треба да има нула толеранција за какво било насилство на терените, а камоли од претседател на еден клуб претендент за Прва лига, врз друго официјално лице за и тоа додека трае еден натпревар!
Не сакаме да размислуваме дека некој си дозволува да се крене над законите и да користи други методи за собирање бодови, освен фер-играта на терен. Потегот на претседателот на ФК Новаци не само што е далеку од принципите на „фер-плејот“ туку е за секаква осуда и прекршува многу прописи и закони. Затоа бареме и апелираме до ФФМ да поведе соодветна постапка и да го санкционира ова крајно неспортско однесување и со тоа да покаже дека на терените низ Македонија, без разлика за кој степен на натпреварување станува збор, не може и не смее да владее самоволие!
ФК Вардар Неготино максимално коректно ги почитува и законите на Р. Македонија и прописите на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и затоа очекуваме така да се однесуваат и кон нас. Со досегашно функционирање и вложување како во екипата така и во условите за работа, покажвме крајна сериозност и затоа очекуваме дека гласот на разумот ќе преовлада во овој случај.
За управата на ФК Вардар Неготино, ова не претставува само насилен чин врз нашиот официјален претставник на клубот (кој, патем, уште е на болничко лекување и ги чувствува последиците од физичкиот напад), туку претставува и удар врз секој искрен љубител на фудбалот кој одвојува од својот џеб со верба дека во Македонија има чист и чесен фудбал.
Сега се на потег органите на ФФМ и со нетрпение ја очекуваме нивната одлука. Ја информираме јавноста дека покрената е приватна кривична тужба против сторителот на овој немил настан. Нема да дозволиме никој да си поигрува со нашиот клуб, а најмалку со нашите играчи како и претставници за време одигрување фудбалски натпревари. Уште еднаш напоменуваме дека ФК Вардар е клуб со длабоки корени во македонскиот фудбал и нема да дозволиме истите да се уништат.
Спортски поздрав,
УО ГФК Вардар Неготино
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА