Фудбалскиот клуб Победа се јави со соопштение по денешниот пораз од ФК Скопје на Автокоманда. Прилепчани се жалат на лошата арбитража на судијата Димитар Пилешков.
Според прилепчани, Пилешков четири пати ги оштетил гостите и директно влијаел на резултатот од овој меч кој на крај заврши со победа на Скопје од 1-0.
„По завршувањето на денешниот натпревар од 6-тото коло на Првата лига со ФК Скопје на стадионот во населбата Железарница ФК Победа сака да ја информира македонската фудбалска јавност за скандалозното судење на штипскиот судија Димитар Пилешков и неговата евидентна наклонетост кон домашниот тим. Тоа го поткрепуваме со факти во следните ситуации: 1. Недоделен директен црвен картон за домашен фудбалер во 31-тата минута кога нашиот играч Амасихоху изглегуваше сам очи в очи пред домашниот голман а беше фаулиран и спречен да постигне погодок. 2. Недосудена опасна игра од страна на Мациновиќ кој појде со високо крената нога во дуел со нашиот голман Тофилоски во 34-тата минута поради што беше попречен во сигурната интервенција, а во продолжение на акцијата домаќините по овозможувањето играта да продолжи од страна на Пилешков го постигнаа единствениот гол. 3. Во 65-тата минута поништен регуларен гол на Галевски за израмнување на резултатот на 1-1. По неговиот удар со глава домашниот голман ја извади топката со интервенција со рака од зад гол-линијата. 4. Недоделен втор жолт односно црвен картон за домашниот играч со број 22 кој во 67-та минута без топка го удри нашиот играч Симуновиќ нанесувајќи му сериозна повреда поради која беше заменет. ФК Победа го крева гласот по ваквото пристрасно судење и бара од органите на ФФМ најсериозно да го анализираат пристрасното денешно судење на Пилешков и неговата арбитража како 12-ти играч на ФК Скопје.“, се вели во соопштението.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

