Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) денеска излезе со објаснување за одбивањето на ФК Вардар да игра како домаќин на Националната арена „Тодор Проески“.
Раководството на Вардар вчера го нападна АДИССДП, а денеска стигна и одговор од акционерското друштво за изградба и стопанисување. Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Барањето за користење на Националната Арена ‘Тодор Проески’ од страна на ФК Вардар за денешниот натпревар не е дозволено ЕДИНСТВЕНО поради огромниот долг кој клубот го има кон Друштвото во однос на користење на арената, и кој години наназад не се подмирува и покрај иницијативата која пред две години ја понуди Владата на РСМ долгот да се подмири на начин што друштвото ќе се откаже од каматите во однос на главниот долг, доколку клубот го исплати само главниот долг, стои во соопштението на АДИССДП.
Дрска и безобразна е реториката на закани и на посочување на Акционерското друштво како виновник за состојбата во која се наоѓа ФК Вардар. Напротив, АДИССДП работи исклучиво согласно законот и штитејќи го интересот на друштвото, додека вината за состојбите во кој за жал е оставен најтрофејниот македонски фудбалски клуб треба исклучиво да се бара кај оние кои во минатото раководеа со ФК Вардар на начин кој ја предизвика ваквата состојба на задолженост на клубот.
Националната Арена ‘Тодор Проески’ е објект од јавен интерес, сопственост на Република Македонија за чие користење право полагаат сите фудбалски клубови од првата фудбалска лига подеднакво, под исти услови и почитувајќи исти правила“, се вели во реакцијата на АДИССДП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА