Соседите веќе почнаа да освојуваат медали на ЛОИ: Злато за Косово, сребро за Србија

Соседите на Македонија веќе почнаа со берба на медали на Летните олимписки игри во Токио. Уште на првиот натпреварувачки ден одликувања освоија Косово и Србија.

Косово стигна до вториот свој златен медал во историјата. Откако Мајлинда Кељменди освои злато на Олимписките игри во Рио пред пет години, сега повторно во џудо во Токио златен медал освои Дистрија Красничи.

Красничи во финалето во категоријата до 48 килограми во џудо славеше против Јапонката Фуна Тонаки. Претходно беше поуспешна во борбите и од Мукбат од Монголија, Хао-Чен Лин од Тајпеј и Бразилката Габриела Чибану.

Србија, пак, стигна до сребрен медал во стрелаштво. Дамир Микец е херојот на северниот сосед откако во последен момент како осмопласиран во дисциплината воздушен пиштол влезе во финалето, а потоа стигна до среброто со резултат од 237,9 круга. Златото го освои Иранецот Џавад Форуџи со 244,8 круг, а трет заврши Кинезот Веи Панг со 217,6 круга.

Се вчитува...