Составот на Македонија: Деби настап за Бојан Илиевски, Атанасов влегува во стартниот тим

Селекторот Благоја Милевски го одреди стартниот состав за мечот со Фарски Острови кој се игра денеска во 15:00 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.

Има едно изненадување во тимот, а тоа е уфрлувањето на Бојан Илиевски на десната бековска позиција. Десниот бек на Струга ТЛ овојпат доби предност пред Димоски, но и пред Ашковски кои често играа на таа позиција во изминатите неколку меча. Овој пат Милевски се одлучи да му даде шанса првпат на 25-годишниот фудбалер, кој дебитира на официјален меч. Зад себе има еден настап на пријателски натпревар.

Атанасов влегува во стартниот тим, на местото на Елмас, и тоа ќе донесе неколку рокади во составот. Така како офанзивен играч за врска сега оди Барди, Атанасов поназад заедно со Исник Алими. Трајковски и Чурлинов ќе му помагаат на Миовски во нападот.

Одбраната покрај Илиевски, ќе биде сочинета од истите од Летонија, односно Зајков и Серафимов како стопери, и Алиоски како лев бек.

Се вчитува...