Канада е првиот финалист на Светското Првенство во хокеј на мраз што се одржува во Келн откако бранителите на трофејот во огромна битка успеаја да слават над Русија со 4-2. Канаѓаните, кои стигнуваа до златото на претходите два мундијали, наидоа на максимално сериозен отпор од руската селекција, која си создаде огромна предност, но неискусно прерано почна со прославата и им овозможи на светските прваци да се вратат и да стигнат до билет за финалето.
Имено, по израмнетата прва третина, вториот период мина во целосна доминација на руските хокеари, кои по две одлични акции стигнаа до предност од 2-0, со головите на Кузнецов и на Гусев.
Канаѓаните намалија на 2-1 по само 17 секунди игра во третиот период преку Шифеле, по што рускиот состав се консолидираше и ја одржуваше минималната предност се до пет минути пред крајот. Потоа Канада набрзина за две минути постигна два гола, за конечните 4-2 светските шампиони да ги постават постигнувајќи погодок во празна мрежа преку Шон Кутурие, во периодот кога Русија се обидуваше без голман да стигне до израмнување.
Канада во големото финале ќе се сретне со подобриот од дуелот Шведска – Финска, кој на програмата е вечерва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА