Катар направи огромен успех на претходниот мундијал на домашен терен, откако по бројните „пасоши“ дадени на странски ракометари успеа да оствари историски пласман во финалето, каде загуби од Франција. Сепак, во меѓувреме беше променета стратегијата, Катарците им се заблагодарија на голем дел од странците (предводени од Жарко Марковиќ), решија да настапат со претежно домашен тим, засилен со Капоте и Шариќ, но очигледно е дека работите не се одвиваат онака како што посакува селекторот Валеро Ривера.
Доказ за тоа беше и денешниот дуел со Египет, прв за Катар на овој мундијал, во кој светските вицешампиони премногу лесно загубија од „фараоните“ со резултат . Eгипќаните доминираа во текот на целиот натпревар, а Катарците пропуштија можност да се приближат во финишот од полувремето, кога при резултат 8-10 и двајца играчи повеќе на теренот направија престап при обид за цепелин, по што Египет за само неколку секунди направи контранапад и даде гол, замина на одмор со предност од три гола, што рутински ја одржуваше до самиот крај. Мечот заврши 22-20 за Египет, но победата на „фараоните“ во ниту еден момент не беше доведена во прашање бидејќи резултатот на две минути до крајот гласеше 22-17, по што Катарците во самиот финиш се изборија само за нешто попристоен пораз во очајното отворање на овој мундијал.
Десниот бек Елахмар одигра извонредно за Египет постигнувајќи осум гола, а одличен беше и голманот Хендави со 14 интервенции. Капоте постигна пет гола за Катар, додека Шариќ не беше во својот препознатлив ритам на голот на оваа селекција бележејќи за него скромни осум одбрани.
Најголемото изненадување во првото коло го приреди Чиле, триумфирајќи на дуелот со Белорусија (32-28), што претставува прва победа за Чилеанците над една европска селекција во историјата на светските шампионати. Белорусите во 47. минута имаа предност од три гола (24-21), но потоа дојде до огромен пад во нивната игра, а Чилеанците знаеја да го искористат тоа и стигнаа до историски триумф. Родриго Салинас беше најефикасен кај победничката селекција со осум гола, пред Ервин Фојхтман со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА