Лучијано Спалети отпадна од комбинација во трката за нов тренер на Милан откако беше обелоденето дека овој стратег е во конфликт со Интер, клуб од каде се уште зема плата и со кого има активен договор до 2021 година. Италијанските медиуми обелоденија дека Спалети постигнал начелен договор со Малдини и Бобан, но за тој да се официјализира неопходно било тој да ја прекине соработката со Интер.
Спалети изненадувачки побарал „нероаѕурите“ да му исплатат една година од договорот (сума од над 5 милиони евра). Следел експресен негативен одговор од челниците на Интер, кои немаат намера да платат пари, за нивниот екс-тренер потоа да седне на клупата на градскиот ривал. Ставот на Интер е јасен, ако Спалети сака раскин и работа во друг клуб, ќе мора да се откаже од парите што му следат според активниот договор.
Тоа очигледно не е случај, па челниците на Милан погледите ги насочиле кон Стефано Пиоли. Преговорите се веќе во напредна фаза, па се очекува екс-тренерот на Интер, Лацио и Фиорентина во најскоро време да ги договори сите детали, па веќе во текот на оваа седмица да го наследи Џампаоло на клупата на „росонерите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

